Со мјузиклот „Зад кулисите на Орце“, скопската гимназија „Орце Николов“ сношти (5 јуни) во Македонскиот народен театар (МНТ) прослави 70-годишен јубилеј. Во претставата учествуваа ученици од сите четири години, а сценариото е на учениците Амелија Ончева и Васија Мицковски од трета година.
„Во овој уникатен мјузикл, учениците го прикажаа животот на ‘орцашите’. Буквално сѐ што се случува зад кулисите на училиштето, како тие учат, се дружат и во исто време се подготвуваат за претставата и ги молат професорите да ги ослободат, за да можат да им се посветат на пробите. Симпатично беше што нѐ глумеа и мене и мојата колешка, професорката по музичко Сузана Тнокова- Кузмановска“, ни рече професорката по македонски јазик Маријана Горгиева- Ристевска.

Мјузиклот беше осмислен како една целина со разни музички и актерски точки, со песни прилагодени на секоја сцена. Се пееја хитови на „Пинк Флојд“, „АББА“, „Квин“, Ед Ширан, Калиопи, Тоше Проески и многу други. Публиката со голем аплауз и на нозе ги испрати младите таленти. Настапи и оркестарот на училиштето.
„Имаше и љубовна приказна во сценариото, а се споменаа и наши поранешни ученици, кои сега се познати личности. Учениците самите го работеа целиот настан со мала помош од вработените во МНТ. Тонец беше Денис Дациќ, на видеобим беше Владимир Митаноски, и двајцата наши ученици, и фотографиите за на ученикот Дамјан Михајловиќ “, вели професорката Горгиева- Ристевска.

Мјузиклот е дел од прославата на патронатот на училиштето, и требаше да се одржи во март, но се одложи поради пожарот во Кочани во кој загинаа 62 лица.
Во рамките на прославата на 70. роденден на „Орце Николов“ претходно се одржаа уште три настани: поетското читање „Моите мисли се стихови“, концертот на класична музика „Звуци под ѕвездите“ и концертот на оркестарот на училиштето со македонска народна музика „Звуците на Македонија во пролетна хармонија“.

Слвањето на патронатот со претстави и концерти е традиција во „Орце Николов“. На 9 јуни од 19 часот, во Драмски театар во Скопје ќе се одржи комичната претстава „Маалска меана“ која е исто така напишана од учениците.
М. ЏАРОВСКА