Македонската народна песна „Брала мома капини“ со верзијата „Брала Јана капини“ ја испеа женската далматинска клапа „Виоле“ како изненадување за публиката за време на нивното гостување во Битола сношти (6 јуни). Женската клапа од Дрвеник и женскиот хор „Градец“ од Градец, Хрватска, беа ученсици на свеченоста по повод хрватскиот Ден на државноста што во Битола го организираше Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“.
Настапувајќи во Офицерскиот дом тие приредија несрекојдневно музичко уживање со далматински песни, а на крај репертоарот го заокружија со македонска песна.
„Битола е град кој ни прирасна за срцата, тука сме веќе трет пат и имаме чест да го поделиме со вас она што најмногу нѐ весели, а тоа е љубовта кон традицијата и музиката. Репертоарот е испреплетен со далматинскиот камен, мирисот на морето, а со дел програмата сакавме да искажеме почитување кон македонското културно наследство“, рекоа пејачките.
Клапското пеење е дел од листата на УНЕСКО со заштитено нематеријално културно богатство. Претседателот на Хрватскиот културен центар во Битола Бранко Маретиќ, рече дека се воспоставува мост на искрена соработка меѓу двета народа, а годинава планираат и изложба и работилница на хрватски традиционален накит за време на фестивалот „Илиндевски денови“ во Битола.
Во рамките на вчерашната свеченост, Блага Петрески од Сплит имаше изложба на фотографии насловена „Хоризонти“, посветена на зајдисонцата на Јадранското Море.
Ж.ЗДРАВКОВСКА