ШТИП СО ПО 10.000 ДЕНАРИ НАГРАДИ 12 ПРВЕНЦИ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Вкупно 12 ученици, од кои седум од основните и пет од средните училишта, од Општина Штип добија признанија како првенци на генерацијата во нивните училишта и се наградени со ваучери од по 10.000 денари.

„Општина Штип ги наградува своите генијалци од сферата на образованието. Во последните неколку години, по враќањето од државни и меѓународни натпревари нашите ученици редовно се наградуваат со еднократна парична помош и од по 30.000 денари, а поголем дел од првенците веќе трета година добиваат и редовни стипендии како резултат на нивните добри резултати, посебно во областа на математиката, физиката и хемијата“, рече градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Меѓу нив се средношколците од гимназијата „Славчо Стојменски“, Марио Ванчоски и Иван Костевски, кои и годинава освоија медали во сите сфери на природно-техничките науки на меѓународни натпревари, со што на најдобар можен начин ги афирмираа Македонија и градот Штип.

Покрај нив, посебни признанија и награди од Општина Штип добија: Драгана Саздова, Добрилка Ѓоргиева и Викторија Спасовска од средните училишта, а од основните Мила Панова, Дора Милева, Ангела Стојовска, Тома Митев, Памела Јанева, Маја Секуловска и Андреј Демировски.

Т. ЈОВАНОВСКИ

Фото: Иван Костевски и Марио Ванчоски со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов и Дора Милева