Утре (21 јуни) од 17 часот, во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи уметничкиот фестивал „КреАрт“, кој ќе трае до полноќ.
Годинашново издание е со наслов „Македонско вино“ и ќе ги поврзе уметноста, културното наследство и виното. На настанот ќе бидат поставени вински буриња обезбедени од Музејот на Галерија Кавадарци, на кои во живо ќе се создаваат уметнички дела инспирирани од темата.
Ќе учествуваат уметниците Горан Боев, Томе Филов, Никола Ивановски, Илија Дојков и Сара Милевска и младите уметници од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, Теодора Ставрова, Михаела Ризова и Марија Зафировска. Најмладите уметници Леа Драмиќанин, Зехра Тулу Јилдиз, Лука Акдениз, Дарија Дивковиќ и Јана Кралевска ќе творат под координација на Маја Танева.
Во рамките на фестивалот ќе се реализираат и неколку уметнички работилници и проекти со Љубиша Камењаров за скулптура, Бојана Мандеска за глина и Филип Матевски со својот едукативен проект „Стрип, манга и модерен поп арт“.
Од 20 часот, во Галерија 2 на МКЦ ќе биде отворена изложбата на акварелистката Зага Малинковска (1926–2004).