Додека повеќето графички дизајнери изработуваат плакати со помош на вештачка интелигенција, Харис Муриќ се потпира на својата креативност и колаж од материјали. Досега има изработено 52 плакати со димензии 50 на 70 сантиметри, работени во континуитет 52 недели. Од понеделник до сабота црпел идеи од секојдневното живеење, а во недела ја правел креацијата.
Со изложба на неговите плаќати, годинава е отворен фестивалот „Битола отворен град“.
„Се работи за колажирани материјали, мои скици, 3-Д модели, фотографии, поезија, музика. Ја избегнував вештачката интелигенција во плакатите што ги правев, избирав да бидат застапени постари медиуми“, вели Муриќ.
Тој додава дека вештачката интелигенција како алатка станува неизбежна во дизајнот, но дека не смее да доминира нејзиниот збор, туку ракописот на уметникот.
„При работата гледам да ја користам само кога е неопходно и сметам дека не треба да станеме алатка на вештачката интелигенција“, вели уметникот.
Со жалење констатира дека применетата уметност сѐ повеќе изумира, па ретко има млади кои изработуваат плакати како него на традицонален начин, а не дигитално.
„Одржувањето на уметноста како плакат е нешто што јас секогаш ќе го имам во мојот творечки репертоар. Младите повеќе се посветуваат на дигитални изработки, графика во движење и слично, што е одлично. Секоја уметност еволуира на свој начин и темпо, но се надевам дека плакатаот никогаш нема да изумре како медиум. Поттик за младите е да почнат да се израуваат така бидејќи во тие димензии има многу голем простор за изразување“, вели Муриќ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА