КОРЕЈСКИОТ БЕНД „БИ-ТИ-ЕС“ СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА ОТКАКО ЧЛЕНОВИТЕ ГО ЗАВРШИЈА ВОЕНИОТ РОК

САД, (Би-Би-Си)

Јужнокорејскиот бенд „Би-Ти-Ес“ го потврди своето долгоочекувано враќање, најавувајќи нов албум и турнеја за следната година. Милениците на тинејџерската публика ја објавија веста во живо на социјалните мрежи откако сите членови на бендот ја завршија задолжителната воена служба во својата земја. Од седумчлениот бенд кажаа дека одат во Америка месецов и ќе почнат да работат на нова музика.

„Здраво момци, се вративме“, рече Џимин, а групата додаде дека новиот албум ќе биде објавен напролет во 2026.

„Исто така, планираме светска турнеја заедно со албумот. Ќе ги посетуваме фановите низ целиот свет, па се надеваме дека сте возбудени како и ние“, објави бендот.

Ова ќе биде прва светска турнеја на „Би-Ти-Ес“ од 2022. Бендот, кој се појави во 2013, нема издадено албум од 2020.

Сите јужнокорејски мажи мора да отслужат 18 месеци во војска, што го принуди најуспешниот бој бенд во светот во последниве години да ја паузира кариерата во 2022, кога беше на врвот на славата.