ХРВАТСКИОТ ПЕЈАЧ АЛЕН СЛАВИЦА ЈА ИСПЕА „БИТОЛА МОЈ РОДЕН КРАЈ“ НА ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ НА БИТОЛСКАТА ГРУПА „ГРОМ“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот поп-пејач Ален Славица беше гостин на концертот на битолската група „Гром“, која во античкиот локалитет Хераклеја синоќа (2 јули) прослави 45 години постоење. Славица рече дека по долго време доаѓа во Битола и на публиката ѝ ја испеа песната „Битола мој роден крај“.

„Убаво е да се биде во овој феноменален простор Хераклеја. Чувствувам мир во душата кога овде доаѓам. Прекрасна публика сте“, рече Славица.

Покрај хитовите кои ја одбележаа неговата кариера, како „Ти ја дадов душата“ (Дао сам ти душу) и „Јас лудувам“ (Ја лудујем), тој ја испеа и песната „Љубовта само е сон“ со која настапи на Макфест во Штип во 1988. Музиката за песната е на Раде Стаматов, гитарист на групата „Гром“, а текстот на Валентин Соклевски од Битола.

„Гром“ е легендарен битолски бенд, со чии песни и настапи пораснаа повеќе генерации во Македонија. Вчера ги изведе своите хитови, враќајќи дел од присутните во публиката во времето на нивната младост.

Ж. ЗДРАВКОВСКА                                      Фото: С. СТАВРЕВ