„Ние музичарите имаме свои опсесии – мојата прва е музиката и гитарите, а втората – автомобилите и превозот. Многу е важно да се возиш во безбеден, сигурен и квалитетен автомобил, особено кога патуваш низ регионот или Европа. Откако почнав да возам ‘бе-ем-ве’ станав свесен што значи вистинско искуство во возењето – тоа не е само начин да се стигне од точка А до точка Б, туку привилегија и уживање во секој километар“, рече легендарниот македонски гитарист Влатко Стефановски на денешната прес-конференција.
Станува збор за нова соработка меѓу „БМВ“ и Стефановски, насловена „50 години, две легенди“, во чест на славењето на два јубилеја, 50 години кариера на Стефановски и 50 години од постоењето на најуспешната „БМВ“ серија – Серија 3.
„Кога во 2018 дојде време да менувам автомобил, тогаш го купив моето прво ‘бе-ем-ве’ – и од тогаш почна оваа приказна. Многу ретко сум барал нешто директно – обично менаџерите ги прават тие работи, бараат поддршка од компании. Но, оваа идеја не беше моја, туку дојде од луѓето од ‘М Кар’, и искрено им благодарам“, кажа Стефановски.
„Педесет години музичка кариера на гитарскиот виртуоз и 50 години ‘БМВ“ серија 3 – тоа е повеќе од случајност. Тоа е прилика да потсетиме на едно емотивно патување низ пет децении – и на сцената, и зад управувачот. Патување што покажува дека квалитетот, страста и посветеноста се вредности што траат – и во музиката, и во автомобилската индустрија. Во 2019 , Влатко создаде автентично звучно лого инспирирано од ‘БМВ’ Серија 3, а денес, неколку години подоцна, оваа уметничка поврзаност добива нова форма – ‘БМВ’ Серија 3 Tуринг станува негов секојдневен придружник на претстојните патувања низ светот“, рече генералниот директор на „М Кар“, Марко Јовановски.
Б. НЕСТОРОСКА