Триесетина нови дигитални дела на графичкиот дизајнер Зоран Кардула, инспирирани од македонскиот вез, се поставени во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), како дел од изложбата „Флора Имагинариум“ (Flora Imaginarium).

Кардула е еден од нашите најпознати графички дизајнери со над 25 -одишно искуство и активист особено во подигањето на свеста за аутизмот.
Како што рече на отворањето, Маја Чанкуловска-Михајловска, која е кустос советник во Националната галерија на Македонија (НГМ), визуелните претстави на Кардула се стилски препознатливи и се одликуваат со особено впечатлива суптилност и грациозност, рафинираност и стилизираност, елегантност и мистичност.

„Насловот на најновата изложба е ‘Флора Имагинариум, а почетниот импулс за истата лежи во неговата соработка со познат македонски бренд и во која, според Кардула, ‘ја раскажуваме нашата историја, ја чуваме традицијата и ја носиме напред. Создадовме приказна со еден современ дух кој носи вредности, наследство и традиција.
Оваа почетна искра понатаму се разгорува во речиси 30-тин нови дигитални дела изработени исклучиво со маус, а делата претставени на оваа изложба може формално стилски да се поделат во неколку подцелини, кои се развиваат од основните визуелни графички решенија како почеток на приказната за ‘Флора Имагинариум’.

Флората чија естетски манифестирана раскошна круна се цветовите, структурата на нивната форма и чудотворноста и нескротливоста на боите, е во симбиоза со централно поставените идеализирани и стилизирани женските претстави (портрети и фигури) кои своето егзистирање го манифестираат во простор налик на Едемската градина“, кажа Чанкуловска-Михајловска.



(Фото: К. Попов)