Хрватската поп-пејачка Јелена Розга до последно место го наполни Античкиот театар во Охрид на нејзиниот прв концерт во овој простор. Енергична и весела на сцената, Розга настапи со нејзиниот бенд и камерен симфониски состав со музичари од Македонија и Хрватска.
Публиката на нозе ја дочека сплитската ѕвезда, која е поранешна пејачка на групата „Магазин“ и пееше со неа во текот на целиот концерт. Неколку деца се качија на сцената со подароци за неа.
„Ова девојче има 11 години. А, јас пеам 29 и пол години. Како може таа да ги знае моите песни ако родителите не ѝ ги пуштале? Им благодарам на родителите што на децата им ги пуштаат моите песни. Мојот најголем успех и мојата најголема радост е што на концертите имам публика од 7 до 77“, рече Розга.

Покрај нејзините хитови како „Минус и плус“ и „Опиум“, таа се врати и во времето на „Магазин“ и испеа два хита од 1980-тите, кои ги сними нејзината претходничка во групата, пејачката од Сплит со македонско потекло Љиљана Николовска, која сега живее во Америка. Цел Антички ги запали телефоните додека Розга ја пееше „Ти си желба на мојот живот“ (Ti si želja mog života) од 1987.

За својот актуелен хит „Лавица“ рече дека го засакала уште кога ја слушнала првата верзија, на клавир.
„Ниту еден пат не е лесен, не ми беше лесно ни мене. Среќавав секакви луѓе, некои ме сопнуваа на патот, но секогаш се враќав силна. Јас верувам во љубов“, рече Розга и покажа транспарент од публиката на кој пишуваше: „Силна веќе 29 години“.
При крајот на концертот, таа се симна во првите редови и запеа заедно со фановите кои двапати ја вратија на бис.
„Одамна сонувам да пеам во овој прекрасен простор. Ви благодарам што ми ја исполнивте желбата и што ми го остваривте сонот“, рече пејачката од Сплит.
Концертот го организираше „Евентум продукција“.
М. ЏАРОВСКА