Публиката на Охридско лето синоќа (10 август) пулсираше во духот на афробит ритамот, на концертот на Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, пејач и саксофонист Шеон Кути, под диригентство на Џијан Емин.
Познат по своите атрактивни изведби и социјално ангажирана музика, Кути е најмладиот син на пионерот на афробитот Фела Кути и поголемиот дел од својот живот го поминал зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Египет 80“ (Egypt 80).

Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми, од кои последниот „Heavier Yet (Lays The Crownless Head)“ е издаден минатата година и продуциран од Лени Кравиц.
Беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.

„Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика бидејќи се нови аранжмани, што ги работевме со Шеон за овој проект. Имаше композиции кои никогаш досега не биле изведени и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме, а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека можеби афробит музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт, на кој луѓето ќе можат да уживаат, танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови кои повикуваат на љубов, слобода, револуција и спас на духот“, вели диригентот Џијан Емин.