ЕЛЕНА ВАСОВА Е МАКЕДОНСКИ ФИНАЛИСТ ЗА МУЗИЧКАТА НАГРАДА „МИЛАН МЛАДЕНОВИЌ“ ВО МАКАРСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Елена Васова со песната „Љубов“ е македонски претставник меѓу суперфиналистите за регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“ за 2025. Доделувањето ќе се одржи во Макарска на 21 септември.

Фондацијата „Милан Младеновиќ“, која го носи името на култниот фронтмен на групата „Екатарина велика“, кој почина во 1994, секоја година доделува награди на млади музичари од регионот. Во 2022, наградата ја доби македонската кантавторка Дина Јашари за песната „Дома“.

„Три години по ред, 21 септември го поминувам на доделувањето на наградата ‘Милан Младеновиќ‘, на денот на неговиот роденден. Првата година бев номинирана со песната ‘Бои‘, втората со ‘Дома‘. Без да очекувам, ја земав и ја донесов наградата дома“, рече Јашари во 2023.

За наградата „Милан Младеновиќ“ конкурираат и групата „Гризете“, Таад Пол, Оксајо и „Дигитронс“.

Автор на песната „Љубов“ е Елена Васова, а ја продуцираше заедно со Ненад Стефановски, кој ги правеше миксот и мастерингот. Гитара свири Ади Имери, клавијатури Петар Лукиќ, бас гитара Мартин Џорлев, а хармоника Милош Спасов.