Славниот австралиски музичар Ник Кејв ја освои македонската публика со емоции, без патетика, со енергијата, страста, емоциите, со спојот на поезија и рокенрол на синоќешниот концерт (22 август) на Стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје.
Тричасовниот скопски концерт беше дел од неговата соло турнеја, без бендот „Бед сидс“, а го придружуваше само басистот на „Рејдиохед“, Колин Гринвуд.
Дел од почетокот на концертот се поклопи со натпреварот Вардар-Брера кој се играше на Градскиот стадион и се слуша бучното навивање.
Кејв, безвременска рок легенда, оригинален и харизматичен, беше срдечен со публиката, си играше мајтап дека има фудбалски натпревар на Градскиот стадион и велеше публиката да ги надвика навивачите и фудбалерите од стадионот, говореше меѓу песните, бараше и доби интеракција со публиката.
„Ник ми рече дека од сите 24 концерти на оваа турнеја најмногу уживал во Скопје, затоа што е единствен концерт во простор кој не е за седење со столици беше вчерашниот. И дека во салите со амфитеатри каде се одржуваа концертите или во затворените сали со столици, ги станувал луѓето, а овде му било супер што сите стојат пред него.
И поради тоа ова му бил најдолг концерт на турнејата. После сите 24 концерти, секогаш влегува во кола и оди во хотел, а овде беше толку еуфоричен да остана повеќе од саат време зад сцената“, вели Бобан Милошески од „Авалон“, организатор на концертот.
(Фото: Авалон)