Војвотката Кејт, како и по раѓањето на принцот Џорџ и принцезата Шарлот, и вчера носеше креација на британската дизајнерка Џени Пакам, кога ја напушташе лондонската болница „Сент Мери“, покажувајќи го своето трето бебе во јавноста.
Медиумите забележуваат дека и со третата комбинација, Кејт ѝ оддала почит на починатата мајка на нејзиниот сопруг принцот Вилијам, принцезата Дијана.
Црвениот фустан на Пакам има впечатлива сличност со фустанот што Дијана го носеше кога ја напушти болницата „Сент Мери“ со принцот Хари во 1984 година.
Дијана тогаш носеше долг црвен мантил од Јан ван Велден, со бела кошула одоздола и врзана црвена лента околу јаката.
Кејт (36) се одлучи за црвен фустан изработен по мерка, со јака од чипка.
По породувањето со принцот Џорџ во јули 2013 година, Кејт носеше светлосин фустан со бели точки, а, пак, по раѓањето на Шарлот во мај 2015, беше облечена во летен жолт фустан, и двата направени по мерка.