ШТИП ОД 10 СЕПТЕМВРИ Е ДОМАЌИН НА 13. ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ „МАЛИОТ ПРИНЦ“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во организација на националната установа „Ацо Шопов“ во Штип, од 10 до 15 септември ќе трае 13. издание на театарскиот фестивал за деца и младинци „Малиот принц“.

„Фестивалот ќе биде отворен со едночасовен концерт на бендот ‘Петко 5+‘, a во текот на фестивалските денови публиката ќе има можност да проследи претстави од врвни македонски театарски куќи и да учествува на специјална театарска работилница за деца и младинци“, вели директорот на фестивалот Пеце Ристевски.

Според неговите колеги од организацијата на фестивалот, Никола Ристов, Ава Хусеини, Миле Вратеовски, Марија Минчева-Андонов, Ангелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов и Весна Куслеска, актери од Народниот театар во Штип, програмата на фестивалот опфаќа претстави на Македонскиот народен театар и Театарот за деца и младинци од Скопје, Народниот театар од Битола и театарот „Антон Панов“ од Струмица.

Освен една претстава, која на 12 септември ќе биде изведена во Народниот театар во Штип, останатите програмски содржини ќе се реализираат во Домот на културата „Ацо Шопов“, а работилницата ќе се реализира во соработка со штипските училишта. Фестивалот е финансиран од Министерството за култура и туризам.

Т. ЈОВАНОВСКИ