ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕНА ФОТОИЗЛОЖБАТА „ЖИВЕЈ СО СТИЛ – ПОДДРЖИ РАЗЛИЧНОСТИ“ СО ПОРТРЕТИ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Живеј со стил – поддржи различности“. Поставени се 32 фотографии, портрети на лица со попреченост, кои учествуваа на модната ревија во Музејот на современа уметност во Скопје во 2024.

„Ова се портрети кои инспирираат сила, достоинство и човечност. Благодарност за присутните, кои ни даваат сила да ја одржиме нашата креативна моќ, да станеме подобри луѓе, да се разбираме меѓусебно преку јазикот на душата, а не говорот. Низ овие фотографии ќе откриете дека животот е едно прекрасно патување, низ кое треба да се движиме со леснотија“, рече Гере Трипков, претседател на здружението „Иквалити“.

Изложбата досега беше поставена во Крушево, Гевгелија и Ресен, а после Велес ќе оди во Крива Паланка, Делчево, Струмица, Свети Николе и во Скопје.

П. ПЕЧКОВ