Сараевскиот бенд „Црвена јабука“ ќе слави 40 години постоење со концерт во Скопје, на 29 ноемеври во салата „Борис Трајковски“, објави продукција „Прагма“.
Бендот е оснван во Сараево во 1985 од вокалот, автор и гитарист Дражен Ричл-Зијо и гитаристот и автор на повеќето хитови на групата Златко Арсланагиќ-Злаја. Групата беше дел од музичкото движење Нов примитивизам во 1980-тите.
Првиот албум насловен „Црвена јабука“ е снимен во 1986. Во тоа време обвивката на плочата и касетата се сметаше за контраверзна, поради девојката која позираше со гол задник, а на неа со кармин беше нацртано црвено јаболко.
На 18 септември во 1986 година, бендот доживеа несреќа на патот од Сараево кон Мостар, патувајќи на концерт. Загина басистот Аљоша Буха, а пејачот Дражен Ричл почина на 1 октомври истата година. Во 1987, бендот повторно се собра и сними албум во чест на загинатите колеги, со Дражен Жериќ-Жера како вокал, кој дотогаш беше клавијатурист во бендот. Жериќ остана пејач во групата и единствениот од старите членови до денес.
Од 1994, по војната во Босна и Херцеговина, тој и дел од новите членови живеат во Загреб. Златко Арсланагиќ пред војната се пресели во Канада и се повлече од музиката.
Бендот сними 19 студиски албуми, а турнеите и концертите во регионот и во дијаспората им се константно полни.
„Што се однесува до нашите концерти, се менуваат само првите редови. Ако публиката останеше иста, тогаш денес би имала околу 55-60 години. Во последните редови се старите добри фанови, кои со нас и со младите ја прават атмосферата уште позабавна“, рече Дражен Жериќ- Жера претходно во Скопје.
Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.