Меланија Трамп му се придружи на својот сопруг Доналд и во музејот на восочни фигури „Мадам Тисо“ во Њујорк.
Таа беше откриена вчера, ден пред првата дама на САД да го прослави 48. роденден, а честа да ја отвори му припадна на поранешниот портпарол на Белата куќа, Шон Спајсер, кој прокоментира дека восочната фигура изгледа „неверојатно реално“.
„Таа е многу грациозна и елегантна жена. Мислам дека Американците не ги ценат доволно нејзините интелект и политичка умешност. Меланија е одлична сопруга, која секогаш му дава поддршка на Доналд, и приватно и јавно“, откри Спајсер, кој поднесе оставка во јули, додавајќи дека не зборувал со неа за наводната секс-афера на нејзиниот сопруг со порно-ѕвездата Сторми Даниелс.
Доналд и Меланија Трамп се поставени зад дрвена претседателска маса, во одделот наменет за политички и верски лидери. Во нивна близина се фигурите на папата Фрањо, Мохатма Ганди и на Фидел Кастро.