Фолк- пејачот Миле Кузмановски на 24 декември ќе одржи концерт во Националната опера и балет (НОБ) со кој ќе прослави 35 години кариера. Кузмановски на концертот ќе го придружува камерен оркестар.
„Времето летна, еве дојдовме до 35 години од мојата песна. На концертот ќе бидат опфатени дел од моите песни, бидејќи досега сум снимил над 130 и невозможно е сите да ги отпеам. Секако дека ќе ги пеам ‘Не кани мe’, ‘Крал без круна’ и многу други. Планирам да поканам и гости, но засега не ги откривам, нека бидат изненадување“, рече пејачот.
Во 2024, Кузмановски ја промовираше песната „Срце храбро“ за која рече дека е во духот на староградската музика. На промоцијата, тој рече дека во Македонија одамна немало таква боемска песна, без да се користат традиционалните народни инструменти.