ДВАЈЦА ВЕТЕРАНИ НА АМЕРИКАНСКИОТ ЏЕЗ НА ВТОРАТА ВЕЧЕР НА 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првата од двете американски вечери на 44. Скопски џез фестивал е денеска во Националната опера и балет.

Од 20 часот настапува гитаристот Марк Рибо, кој во кариерата долга неколку децении соработувал со музичари како Том Вејтс, Роберт Плант, Алисон Краус, Елвис Костело, Арто Линдзи и други, појавувајќи се на речиси 600 изданија. Тој во Скопје ќе го претстави својот последен соло проект „Map of a Blue City“, на кој спојува традиционална американска музика, блуз, боса нова, ноу вејв, нојз и фри џез.

Перкусионистот Кахил Ел‘Забар (фото) доаѓа на СЏФ во периодот кога одбележува 50 години кариера. На концертот од 22 часот тој ќе свири заедно со својот легендарен ансамбл „Етник херитиџ“.

„Со својот состав тој дополнително ги истражува врските помеѓу афроамериканската музика, пред сè џезот и потрадиционалните африкански инструментации и ритми. Дефинициите од типот спиритуално и импровизаторско недоволно го опишуваат мултидимензионалното, возбудливо и прогресивно јадро на неговиот опус. Ова е црнечка музика во својата најчиста форма“, стои во најавата на концертот.