ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ СЛАВИ 55-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА 15 И 22 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најстариот македонски детски фестивал Златно славејче слави 55 години и како и минатата година, ќе се одржи во Македонскиот народен театар на 15 и 22 ноември. Планирани се шест претстави двата дена, од 10, 14 и од 17 часот и неколку изненадувања по повод јубилејот на фестивалот со кој израснаа многу генерации.

„Водителка ќе биде Марија Јанчевска, која е поранешно ‘славејче‘. И годинава ќе се испеат 15 нови детски песни и ќе имаме гости од Србија, Црна Гора, Австрија, Романија, Бугарија и Албанија. Целиот фестивал ќе биде во духот на прославата на јубилејот. Ќе снимиме и спот по повод роденденот и ќе ги поканиме сите поранешни и сегашни ‘славејчиња‘. Спотот ќе биде како роденденска забава, со торта за јубилејот“, ни рече Бобан Јосифовски, директорот на фестивалот.

Лани водител беше Сашко Коцев, кој поради претходно договорено снимање надвор од Македонија не е во можност да води и годинава. Билетите се продаваат на билетарницата на МНТ и онлајн на неговата страница.

Фестивалот Златно славејче е основан во ноември 1970 од неколкумина членови на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје: композиторот Александар Џамбазов, кој беше уметнички директор на фестивалот, поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски, кој во тоа време бил секретар на Советот. Славејче е најстариот детски музички фестивал на Балканот и втор најстар во Европа. Првото издание насловено „Бираме златен глас“ се одржа на 23 мај 1971 во Драмскиот театар во Скопје. Биле испеани 25 детски песни, а меѓу учесниците биле и Игор Џамбазов и Благој Маротов,

Откако се затвори Универзална сала, каде што редовно пееја „славејчињата“, фестивалот се одржуваше најчесто во салата „Борис Трајковски“ и во Филхармонијата.

М. ЏАРОВСКА

 

 

 

Фото: Сашко Коцев на ланското издание на Златно славејче