„НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА МНТ ПОБЕДИ НА ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ВРАЊЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар (МНТ), во режија на Егон Савин, ја освои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Театарските денови на Бора“ (Борини позоришни дани) во Врање.

Жирито во состав Наташа Гвозденовиќ (театарска критичарка), Трајче Кацаров (драматург) и Васил Василев (театарски режисер и претседател на жирито) образложи дека „претставата се издвојува како најдобра бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејството“.

„Горди сме што ‘Народен пратеник’ успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот“, изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Во конкуренција за наградите учествуваа седум претстави: четири од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

(Фото: К. Галевски)