МЛАДИТЕ ТАНЧАРИ ДА ВЕРУВААТ ДО КАДЕ МОЖЕ ДА ГИ ОДНЕСЕ СТРАСТА, ВЕЛИ БАЛЕРИНАТА РОКСАН СТОЈАНОВ ЗА НАГРАДАТА КОЈА ЌЕ СЕ ДОДЕЛУВА НА ТАНЦ ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Овој проект ми е многу близок до срцето и тоа е мој начин да ѝ се заблагодарам на земјата каде ги направив првите чекори во танцот. Со оваа награда сакав да им дадам вистинска можност на младите балерини и балетани да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги однесе страста“, вели француската балерина со македонско потекло Роксан Стојанов.

На нејзина иницијатива, Танц фест Скопје со поддршка на Францускиот институт во Скопје ја востанови наградата „Роксан Стојанов“ за млади балетски уметници. Стојанов, која минатиот декември беше прогласена за Ѕвезда на Париската опера, во април ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност.

Овој натпревар во организација на културниот центар „Интерарт“, во соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт, ќе биде отворен за балетски уметници од 16 до 20 години, кои ќе ги испраќаат своите пријави на повикот што ќе биде објавен наскоро. Повикот ќе трае до крајот на декември, а кандидатите ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми.

Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална програма, што ќе ја изведат пред петчлено интернационално жири во текот на Скопје Танц фест во периодот од 15 до 20 април 2026. Наградениот ќе има можност да престојува една недела во Париз, а престојот под менторство на Стојанов вклучува часови и професионални средби.

Рисима Рисимкин, уметничка директорка на „Интерарт“ и директорка на Одборот за националната награда „Роксан Стојанов“, рече дека на иницијатива на француските партнери се користи зборот национална и значи дека можат да се пријававуваат само танчари од Македонија.

Стојанов, која е родена во градот Жер на југот на Франција, по татко е Македонка, а по мајка Французинка. Во 2022 стана примабалерина на Балетот.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: Францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, Рисима Рисимкин, директорот на Францускиот институт Грегоар Жислер и Матеа Мијановиќ, директор на Танц фест Скопје (Фото: К. Попов)