БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР ГО СМЕНИ ИМЕТО ВО „БИТОЛСКИ ОРКЕСТАР ДИВА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиот камерен оркестар одржа концерт по повод Денот на ослободувањето на Битола и го промовираше новото име „Битолски оркестар ДИВА“.

На концертот настапија Елена Ристеска, Влатко Стефановски, Петар Младеновски-Пеце од „Суперхикс“, Ристо Самарџиев и Јелена Томашевиќ. Гостин беше и Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“ и сценарист на „Златна бубамара на популарноста“, кој ја потсети публиката дека токму Битолскиот камерен оркестар доби награда за најпопуларен оркестар во Македонија.

„Со ребрендирањето и новото име, оркестарот влегува во нова фаза, помодерна и посовремена. Во овие години реализиравме голем број концерти низ Македонија и Европа и токму тие концерти беа доказ дека овој град заслужува оркестар. Благодарение на тие години труд и упорност, денес Битола може да се пофали со национална установа и со уште еден оркестар кој создава различни видови проекти, единствен во државата од таков вид“, рече диригентот Владимир Димовски и најави:

„Ќе имаме нови инструменти, нов пристап и нова технологија. Оркестарот ќе биде прв во Македонија и пошироко со електрични инструменти“.

Ж. ЗДРАВКОВСКА