Култниот албум на „Ареа“, „Врати на имагинација“, звучи подобро и позрело 25 години потоа. Гостиварскиот рок бенд со концерт во салата „Јане Сандански“ вчера (8 ноември) прослави 25 години од познатиот концерт на Скопски саем во 2000, на кој не успеа да влезе целата публика поради голем интерес.

За првпат, „Ареа“ ги свиреа сите песни од хитовскиот албум, на кој е и песната која најмногу ги одбележа, „Сите мои слики“. Како убава симболика, „Авалон“ се сети овој албум да го реиздаде на плоча, а членовите на бендот им го потпишаа на сите кои си го купија на концертот.
„Што може човек да очекува повеќе од олку пријатели? Ви благодариме на сите“, рече пејачката Ружица Милошеска-Брчиоска откако публиката ја испеа „Јас сум ти пријател“ од почеток до крај.
Убава слика е да се видат среќни вистинските фанови на еден бенд кој постои речиси 35 години и трае поради вистинските приказни во песните и квалитетот.

„Оваа вечер нѐ потсети на оној концерт на Саем. А денес, по 25 години заедно, звучиме уште поубаво. Продолжете да ги ширите љубовта и позитивната енергија кои ни ги давате“, рече Милошеска-Брчиоска.
И во право беше, „Ареа“ звучат подобро од година в година, од концерт на концерт.
Младиот трап пејач Јанг Дади им гостуваше во новата верзија на хитот „Очи ангелски“, а Ружица во еден момент рапуваше со него.

Претходно, пејачката на бендот има кажано дека „Сите мои слики“ е химна на публиката, а по вчерашниот концерт слободно може да се каже дека истото важи и за „Нешто недостасува“, „Колку ми значиш“, „Одведи ме“, „Биди мој“, „Фреквенција на љубовта“ и многу други. Концертот го организираше „Авалон“, исто како и пред 25 години.
М. ЏАРОВСКА