Во фоајето на Велешкиот театар е поставена изложбата „Куќата на порцеланот“ на уметникот Филип Фидановски. Претставени се скулптури и инсталации во простор. Меѓу нив е и дел од песната „Татунчо“ на Рацин. На дваесетина порцелански чинии е напишан по еден збор од неа.
„Морам да се заблагодарам на Ласко Џуровски, кој овозможи со глаголичното писмо и кириличното писмо да се испишат дел од експонатите, а со кириличното е испишана ‘Татунчо’ со оригиналниот ракопис на Рацин. Благодарност до Срѓан и Тања Ристиќ од Заечер, со чија помош се направени калапите за експонатите“, кажа Фидановски.

Поставени се и дваесетина вазни од француски порцелан, а при нивната изработка биле користени предмети изработени во велешка „Порцеланка“. Еден од излиените и изработени предмети бил испечен во оригинална печка на „Порцеланка“, која сега се наоѓала во дом на производител во Скопје.
„Ќе забележите дека на главите од овие порцелански изработки е аплициран дел од производството на ‘Порцеланка’, капачиња од чајници и тацни за сладолед. Филип им дава нов живот и ги користи за друга цел. Многу интересна и современа изложба, со која сите треба да се гордееме“, рече кураторот Кирил Пенушлиски.
„Изложбата содржи мошне важни елементи. Тој создаде уметнички триптих и во еден дел ги вметна стиховите на Рацин. Тоа е почит кон големиот Рацин и сопственото писмо“, рече Јасминка Намичева, кустос-советник на Музејот на Град Скопје.
Изложбата ќе биде поставена десетина дена.
П. ПЕЧКОВ