Евергринот „Кога те нема“, првата победничка песна на Макфест во 1986, која ја испеа Хелена Благне, одлично звучи кога го пее и Јапонка. Сигијама Кономи ја воодушеви публиката на концертот „Летај галебе“ во чест на легендарниот композитор Кире Костов со својот моќен и чист глас, пеејќи ја на одличен македонски.

Таа е сопруга на јапонски дипломат, живее во Скопје и оди на часови по пеење кај професорката Ана Костадиновска, ќерката на Кире Костов.

Ова не беше единствениот емотивен и впечатлив момент со евергрините на композиторот кој напишал повеќе од 700 песни во популарната и џез музика, бил педагог, диригент и трубач.

Со инструментална верзија на „Летај галебе“, која ја свиреше пијанистот Бобан Мирковски, почна овој концерт, а се редеа легендарните „Илузија“, „При очи ти си слеп“, „Штом се сака“, „Тајно моја“, „Твојте очи сине“ „Само сеќавања“, „223-305“, „Кој да ти каже“…

Одличен избор на пејачи, чии вокали беа усогласени со песните, направи професорката по пијано Кармен Костова, сопругата на Кире Костов.

Пееја Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Биба Додева, Елена Ристеска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов, Ана Петановска, Елена Васова и Сигијама Кономи. Фалеше Каролина Гочева, која поради претходно испланирано патување не можела да се усогласи со терминот на концертот, а имала голема желба да настапи.

„Сопругата на Кире Костов, Кармен, помести планини за да се одржи овој концерт. Легендарниот Шпато еднаш ѝ рекол: ‘Кармен, помири се со тоа дека Кире ќе ја сака музиката најмногу’. До крајот на животот најважни му беа петте грации: сопругата Кармен, ќерките Ана и Нина и внуките Елена и Марта“, рече водителката на настанот Живкица Каленикова.


„Кире знаел да се јави кај текстописец и да каже: ‘Имам песна, ми треба текст денеска, снимаме утре‘. Или да се јави кај некој пејач и да му рече: ‘Имам песна за тебе, доаѓај веднаш‘. Она што не се знае за него е дека сликал карикатури и напишал и рап песна, за која не сакал да каже дека е негова“, кажа водителот Огнен Јанески.

Пејачите ги придружуваше оркестар со кој диригираше Сашо Татарчевски и во две песни големиот пријател на Кире Костов, Љупчо Мирковски.

Концертот беше музичка лекција за старите добри времиња, кога се правеле аранжмани за големи оркестри, а песните се снимале целосно во живо.

Оригиналните ноти и белешки на Кире Костов. кои се појавуваа на видеобим заедно со неговите фотографии во текот на целиот концерт. покажаа колку ѝ бил посветен на музиката.

Публиката со стоечки аплауз на крајот го награди тоа. Настанот го организираше „Баги комуникации“.
М. ЏАРОВСКА