ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ГИ ОТСВИРЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ХИТОВИ НА ЃОРЃЕ НОВКОВИЌ НА АЛБУМОТ „ГИТАРАТА ПЕЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски ги сними сите инструментални верзии на песните од проектот „Хитмејкер – Ѓорѓе Новковиќ“, посветен на познатиот хрватски композитор, кој напиша дел од најголемите поп хитови во поранешна Југославија за повеќе пејачи. Албумот е снимен во соработка со Лондонската филхармонија.

Албумот насловен „Гитарата пее“ (Guitar Sings) е колекција од десет безвременски хитови на Новковиќ во инструментална верзија и е достапен како ново дигитално издание на „Кроација рекордс“. Стефановски свири хитови на Габи Новак, Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Северина, Неда Украден и други. На албумот има и три вокални песни кои ги пеат Петар Грашо, Миа Димшиќ и синот на Ѓорѓе Новковиќ, Борис Новковиќ.

„Овие инструментали се снимени како засебен уметнички концепт, создавајќи атмосфера што истовремено пренесува носталгија, виртуозност и современост. Дигиталното издание е достапно на сите стриминг платформи, до крајот на годината проектот ќе биде објавен на цеде, а во почетокот на следната година и на винил, со што целиот инструментален материјал ќе добие и свои физички изданија“, велат од „Кроација рекордс“.