КАЛИОПИ И РАПЕРОТ ОБИ ТРАЈС, КОЈ СНИМАШЕ СО ЕМИНЕМ, СЕ ГОСТИ НА МОЈОТ НАЈЗРЕЛ АЛБУМ ДОСЕГА, ВЕЛИ СЛАТКАРИСТИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Само шест и пол месеци откако излезе неговиот албум „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“, Слаткаристика денеска (3 декември) во 15 часот на дигиталните платформи ќе го промовира новиот миниалбум со пет песни. Музичарот вели дека животот за него е инспирација и периодов има доста нови песни. Новиот албум е со ист наслов како и претходниот, поточно е негово продолжување.

Интересна насловна страна има албумот, која симболично одговара со неговиот наслов. Слаткаристика е сликан во училишна клупа, со старите дневници кои веќе не постојат, зашто се заменети со електронски, а на таблата се испишани песните.

„Гости ми се Калиопи, Пајак и Оби Трајс, кој е светска ѕвезда. Има песни со Еминем, 50 Сент, Доктор Дре и сега со мене. Ова ми е многу зрел албум, иако не е класичен, туку И-Пи, збир на одлични пет песни, а самиот наслов го кажува тоа“, ни рече Слаткаристика.

Песната „Води ме“ е негова втора дуетска со Калиопи. Минатата година, тој ѝ гостуваше со песната „Казна“ на нејзиниот албум наречен „Албум“, а овојпат, продуцентот Лазар Цветкоски напиша нова дуетска песна за нив.

Петте нови песни Слаткар ги испиша на училишна табла (Фото: Фејсбук)

„Калиопи толку ја ценам што не можам да опишам со зборови, а што е најјако, во студио функционираме многу лесно. И за првата песна и сега за оваа. Влеговме во студио и ја снимивме, иако Лазе бираше песна цела година. Четири не му се допаѓаа и за петтата идеја рече: ‘Мислам дека ова е тоа’. Ѝ ја испративме, таа се вљуби во песната од прва“, вели Слаткаристика.

Тој и Тони Зен ја продолжија хип-хоп револуцијата која ја започнаа пред 18 години со нивниот најдобар концерт досега, кој се одржа на 11 октомври во арената „Борис Трајковски“. На концертот имаше повеќе гости, но најголемо изненадување беше Калиопи, која се појави на крајот и ја испеа „Да полетам“, автобиографската песна на Слаткар, заедно со него и Тони Зен.

М. ЏАРОВСКА