МАКРОН ЈА НАРЕЧЕ СОПРУГАТА НА АВСТРАЛИСКИОТ ПРЕМИЕР ВКУСНА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Францускиот претседател Емануел Макрон ја остави во чудо австралиската јавност, откако сопругата на премиерот Малколм Турнбул ја нарече „вкусна“.

Макрон се наоѓа во официјална посета на Австралија, при што се дискутира за сериозни теми како одбрана и климатски промени, но тој направи несвесен гаф кога му се заблагодаруваше на Турнбул.

„Ви благодарам на вас и на вашата вкусна сопруга за вашето топло добредојде, ова е совршена организација на патувањето“, кажа Макрон на прес-конференција.

Тој зборуваше на англиски јазик, што инаку добро го владее и многумина присутни не беа сигурни дали добро го слушнале, за по преслушувањето на снимките да биде потврдено дека навистина го употребил зборот „вкусна“.

Францускиот збор délicieux може да значи мал вкусен оброк, но, исто така, и многу добро или прекрасно, па многумина сметаат дека тој свесно кажал така, но со значење што не одговарало за ситуацијата.