„ОДМАЗДНИЦИ 3“ ВО РЕКОРДНО ВРЕМЕ ЌЕ ЗАРАБОТИ МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Вараети)

„Одмаздници: војна на бесконечноста“ е на добар пат да стане филм кој најбрзо стигнал до заработката од една милијарда долари.

Блокбастерот на „Дизни“ и „Марвел“ заработи 900 милиони долари во првите девет дена од прикажувањето и се очекува најдоцна до утре (11. ден) да ја надмине сумата од една милијарда.

На актуелниот рекордер „Војна на ѕвездите: силата се буди“ за ова му требаа 12 дена.

„Дизни“ објави дека филмот во првата недела заработил 338,4 милиони долари во САД, а овој викенд се очекуваат и дополнителни 100 милиони. На светско ниво, досегашната заработка изнесува 566,7 милиони долари. Ова се импресивни бројки ако се знае дека допрва следува премиерата во Кина, закажана за 11 мај.

„Одмаздници 3“, кој го имаше најуспешното домашно и глобално отворање на сите времиња, на тој начин ќе стане 33. филм со деветцифрена заработка.