БИЛЈАНА СТОЈАНОВСКА ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД Е НАГРАДЕНА ЗА НАЈМНОГУ ПРОЧИТАНИ КНИГИ ВО ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес ги награди членовите со најголем број изнајмени книги. Читател со најмногу прочитани книги од одделот за возрасни втора година по ред е Билјана Стојановска. Таа вели дека не гледа телевизија, серии и вести, туку слободното време го минува со книга.

„Не само што изнајмувам од библиотека, туку и си купувaм и позајмувам од пријaтели“, кажа Стојановска.

Читател од основното образование со најмногу прочитани книги е Стефан Тодоровски, ученик во 6. одделение во ОУ „Блаже Коневски“. Тој откри дека сака да чита книги со авантуристички дух, детски романи и стрипови, а чита и стрипови на англиски. Студентката на магистерски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Драгана Ристова, прочитала најмногу книги во нејзината генерација.

„Најмногу читам современа книжевност, класици, понекогаш историска фикција или романса. Немам одреден омилен жанр, читам секоја книга што мислам дека ќе ми се допадне“, рече Ристова.

Највозрасна читателка е Лилјана Ристовска, која наскоро ќе наполни 85 години (Фото: Библиотека „Гоце Делчев“)

Најмлад читател за 2025 година е Теодора Ферина, а највозрасна читателка е Лилјана Ристовска, која овој месец ќе наполни 85 години.

„Читам уште од старата библиотека, кога директорка беше Рахилка Фирфова-Ѓоргова. Наставничка сум по француски и македонски во ‘Џинот’, работев во Иванковци, па во Чашка. Книгата за мене е извор на инспирација и внатрешна желба. Читам романи, за животот на луѓето, за епохите во кои живееле, до каде може да стигне човечкиот ум и до каде може да падне. Сѐ ме интересира, сѐ читам“, кажа Ристовска.

Признанија добија и читателите од подрачната единица од Градско, Лилијана Рибарска за возрасни и Стефани Илиева за деца.

П. ПЕЧКОВ