НАЈГОЛЕМАТА ДИСКО И СОУЛ ЗАБАВА ЌЕ БИДЕ НА „ЗЛАТНА БУБАМАРА“ СО ЛЕГЕНДАРНАТА БРИТАНСКА ГРУПА „ДЕЛЕГЕЈШН“, ВЕЛИ РАНКО ПЕТРОВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарната британска соул, фанк и диско група „Делегејшн“, која остави неизбришлив белег на музичката сцена во 1970-тите и 1980-тите во Европа и САД, ќе настапи на 29. издание на „Златна бубамара на популарноста“ на 26 февруари во aрената „Борис Трајковски“. Групата ќе ја добие наградата за животно дело.

„Ниту една забава порано во Скопје не поминувала без хитовите на ‘Делегејшн’, а сега ќе имаме можност да ги слушнеме во живо на ‘Златна бубамара’. Легендарната група ќе настапи заедно со Ана Петановска и Игор Џамбазов, а во Скопје таа вечер ќе се случи најголамата соул, фанк и диско забава“, вели Ранко Петровиќ, организатор и сценарист на популарното шоу.

Вокалот Рик Бејли ја основал групата во 1976 и е заслужен за нејзиниот интернационален успех.

„Настапот ќе биде дополнет со Енди Вилијамс, клавијатурист кој настапувал со легендарната група ‘Хот чоклит’. Овој настап ќе биде вистински празник на музиката, емоциите и трајната магија на ‘Делегејшн’, а годинашното мото на ‘Златна bубамара’, ‘Апсолутна власт, апсолутна забава’, ќе добие свое вистинско значење на сцената“, вечат од радио „Бубамара“.

Оваа година ќе гостува и соул-кралицата Марта Хај, долгогодишен придружен вокал на Џејмс Браун, која ќе добие награда за животно дело.

М. ЏАРОВСКА