Американскиот џез композитор, пијанист и диригент Мајк Холобер ќе одржи концерт со Националниот џез оркестар на 18 март од 20 часот во Националната опера и балет. Холобер ќе го претстави својот најнов проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“, а тој ќе биде диригент на концертот.
„Новиот проект на Холобер е оценет како ‘монументално ремек-дело’ и ‘мајсторска лекција по композиција за џез оркестар’. Во ова дело, тој создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот. Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата“, велат од НЏО.
Делото е конципирано како циклус од „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во грижа за планетата.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).
Билетите се во продажба преку мрежата на МК Тикетс.