ПЕРЕ ОД „НОКАУТ“, ДЕЛ ОД ГОСТИТЕ НА КОНЦЕРТОТ НА ЛОЗАНО НА 7 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ ќе биде дел од гостите на концертот на поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано, кој ќе се одржи на 7 март во салата „Борис Трајковски“ од 20 часот.

„Со големо задоволство ви ги претставувам моите музички гости и пријатели кои ќе бидат дел од мојот концерт. Прекрасната Александра Јанева, мојот драг пријател Никола Перевски-Пере од групата ‘Нокаут’, но имаме и специјален гостин кој ќе биде изненадување за вечерта. И на овој концерт ќе ни гостуваат Александра Илиева на саксофон и Бока Конга на перкусии, а за првпат ќе ни се придружи Виктор Ангелов на виолина“, најави пејачот на социјалните мрежи.

Лозано на прес-конференцијата во Скопје минатата недела рече дека е возбуден пред концертот, кој ќе биде различен од претходиот што се одржа во 2019.

„Музички, денес сум посигурен во тоа што го правам и знам зошто стојам зад секоја песна. Се трудам да не бркам трендови, туку чувство и трајност. Приватно сум посмирен, поприземен и со појасни приоритети. Со годините научив дека зрелоста не е во брзината, туку во трпението, во изборите што ги правиш и во начинот на кој се носиш со тишината меѓу големите моменти“, ни рече претходно поп-пејачот.

Фото: К. Попов