Со неколку настани вчера (30 март) заврши 32. Скопје моден викенд. Последниот ден ги поврза едукацијата, технологијата и современиот дизајн. Настанот започна со студентски колекции.
Во центарот на вниманието беше јавниот разговор „3-Д и вештачка интелигенција во модата“, кој отвори прашања за авторството, дигиталната трансформација и за новите граници на дизајнот. Се одржа и изложбата „3-Д и вештачка интелигенција во модата“, каде беа претставени актуелни практики што го спојуваат модниот дизајн со новите технологии.

Програмата продолжи со презентации на експериментални колекции и дигитални проекти, како и со претставување на иницијативи насочени кон одржливо и технолошки поддржано производство на облека.
Посебен акцент беше ставен на промоцијата на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од костимографката и модна креаторка Зорка Тодорова-Младеновиќ, посветена на континуитетот во развојот на модата.
Се одржаа и ревијата „Еклиптика“ на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје и заедничка ревија на Марија Станојовска и Маригoна Рахмани. Настанот заврши со Олгица Ѓоргиева и колекцијата „Метаморфозис“.
(Фото: Г. Бошковски, Ѓ. Ристоски)