ТРПЧЕСКИ Е МАГИОНИЧАР НА ПИЈАНОТО, ВЕЛАТ КРИТИЧАРИТЕ ПО КОНЦЕРТОТ ВО СИНГАПУР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Симон Трпчески е прогласен за најдоброто нешто што произлегло од Македонија по Александар Велики“, напиша угледниот „Стрејт тајмс од Сингапур за македонскиот пијанист по концертите со Сингапурскиот симфониски оркестар.

Критичарот Џефри Лим вели: „Иако Трпчески никогаш не ја нападнал Персија, тој со својот сонародник Македонец споделува едноставна смелост и талент за совладување тешки пречки, што се докажа со неговата свежа, атлетска изведба на Вториот концерт за пијано од Рахманинов со добро ‘подмачканиот’ Сингапурски симфониски оркестар под инспирираниот диригент Елијаху Инбал“.

Лим во продолжението на својата рецензија оценува:

„Ова беше изведба со динамичност, умешност и медитеранска директност, а не хипнотичка концентрација како таа на Свјатослав Рихтер или патрициска елоквенција како кај Гарик Олсон, кој го свиреше делото со овој оркестар во многу поинаква интерпретација пред две години. Трпчески е природен шоумен кој уживаше во незгодните пасажи со елан на магионичар кој вади зајак од шапка. Двата биса на Трпчески беа исклучителни“.

Како што велат од „КултурОп“, во продолжението на сезоната Трпчески го очекуваат настапи во САД, Канада и Малта.

(Фото: К. Чу)