„ЛАБОРАТОРИУМ“ ОТВОРИ ПОВИК ЗА ПОДДРШКА НА ОСУМ МЛАДИ УМЕТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Културниот центар „Лабораториум“ во Скопје започнува иницијатива за поддршка на млади уметници насловена „Градски ѕид – за нови лица на македонската културна сцена“, со цел да се пронајдат и афирмираат нови таленти од независната креативна сцена.

Повикот е отворен за лица од 18 до 25 години кои се занимаваат со музика, ликовна уметност, литература, филм, театар, танц, фотографија и дизајн. Од пристигнатите пријави ќе бидат избрани осуммина артисти од целата држава, кои ќе добијат менторска поддршка, логистичка помош и услови за реализација на сопствени проекти.

Избраните учесници ќе работат под водство на стручен тим составен од искусни културни работници, професори и уметници. Во текот на едномесечниот процес, секој од нив ќе соработува со ментор кој ќе го следи и насочува креативниот развој, со цел создавање квалитетни и оригинални дела.

Завршените проекти ќе бидат јавно претставени во „Лабораториум“, а на крајот од годината ќе се одржи заеднички настан на кој сите учесници ќе ја презентираат својата работа. Покрај тоа, младите уметници ќе добијат и авторски хонорар за нивниот ангажман.

Заинтересираните можат да добијат повеќе информации и да се пријават на laboratorium.mk најдоцна до 26 април на полноќ. Иницијативата „Нови лица“ е дел од проектот „Култура за развој“, финансиран од швајцарската влада, а имплементиран од „Хартефакт фонд“.