БИТОЛСКАТА ПРЕТСТАВА „ГОСПОЃИЦА ЈУЛИЈА“ ВО РЕЖИЈА НА ЈЕРЧИЌ ИГРА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (13 ноември) од 20 часот, во културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје ќе се изведе претставата „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, во режија на Иван Јерчиќ.

Претставата е независна продукција која е поставена и се игра во Офицерскиот дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во Скопје. Улогите ги играат Викторија Степановска- Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.

„Претставата е современо читање на Стриндберг, кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност“, стои во најавата на претставата.

Билетите се продаваат онлајн на „МК тикетс“ и на влез пред почетокот на претставата.