ЖЕТВАТА НА МАРИХУАНА ВО КАЛИФОРНИЈА ЗАГРОЗЕНА ОД ПОЖАРИТЕ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Смртоносните пожари кои веќе неколку дена оставаат пустош низ северна Калифорнија предизвикаа големи штети и во индустријата на канабис, непосредно пред да се почне со неговата легална употреба. Во пожарите досега загинаа 23 луѓе, а најмалку 285 се водат како исчезнати и пожарникарите не успеваат да ги стават под контрола поради силните ветрови.

Голем број фарми за марихуана изгореа во таканаречениот Смарагден триаголник во областа Мендосино и производителите се пожалија дека загубите ќе бидат огромни.

„Моментално, никој нема осигурување. Можеби, се осигурани куќите, но не и посевите“, вели Ники Ластрето од Асоцијацијата на производителите на канабис од Мендосино.

Тие не можат да го осигураат својот бизнис, бидејќи според федералниот закон, канабисот сѐ уште е нелегален. Во Калифорнија има околу 15.000 фарми за марихуана и од Асоцијацијата засега немаат информации колку од нив се уништени. Медицинската марихуана е легална во Калифорнија од 1996 година, но од јануари 2018 ќе смее да се користи и рекреативно.