„МЕМОРИЈА“ НАЈАВИ КОНЦЕРТ НА 23 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ И ДОКУМЕНТАРЕЦ ОД 12 ЕПИЗОДИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-рок групата „Меморија“ го најави следниот концерт на 23 октомври во арената „Јане Сандански“ во Скопје, како и снимањето на документарен серијал посветен на бендот и развојот на македонската рок музика низ децениите.

Музичкиот новинар, водител и некогашен член на бендот, Антонио Димитриевски, на прес-конференција кажа дека целиот проект ќе биде концептуално насочен не само кон историјата на „Меморија“, туку и кон корените на македонската рок музика и нејзиното влијание врз домашната естрада.

Основачот и лидер на групата, Петар Георгиевски-Камиказа, рече дека концертот ќе биде уникатна аудио-визуелна приказна, која, покрај најголемите хитови на „Меморија“, ќе понуди и музички времеплов низ македонската рок сцена, од раните шеесетти години, па сè до периодот кога настанала групата.

Посебен сегмент од концертот ќе биде посветен на прерано починатиот музичар, композитор и продуцент Тоше Поп Симонов преку изведба на негови антологиски песни. Во тој дел ќе настапи Ивица Стојановски-Фиц со специјален бенд составен и од браќата Икономови, наследници на легендарниот гитарист Коце Икономов од „Бис-Без“. Ќе биде изведена и култната „Дал да плачам ил да пеам“, песна која остави силен белег во македонската музичка историја.

Меѓу специјалните гости се најавени и поранешни членови на „Бон-Тон“ и Бени Шаќири.

Воедно беше најавено дека документарниот серијал за „Меморија“ ќе содржи 12 епизоди, во кои ќе бидат обработени историјата на македонскиот рокенрол, неговите почетоци и влијанието што го имал врз современата македонска музичка сцена.

М. ЏАРОВСКА