Со мјузиклот „Као какао“ ја вративме душата на старото Скопје, рече режисерот Дејан Пројковски на денешната прес-конференција пред првите изведби на 2 и 3 јуни во Македонскиот народен театар (МНТ).
Екипата на мјузиклот, кој е работен по музиката на Влатко Стефановски, една година посветено се подготува за премиерата и за следните изведби на 12 и 13 јуни. Авторскиот и актерскиот тим рече дека имаат уникатен производ создаден со многу љубов, страст и професионализам, кој ќе се прошири и надвор од Македонија.
Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ рече дека е лудост и храброст за една мала продукција да направи еден ваков проект, оти покрај спонзорите, имале двајца мецени кои го поддржале мјузиклот.
„Сите знаеме дека во Македонија потенцијалите се многу поголеми, талентите се многу поголеми од реализацијата и би било добро некој пат да се случи реализација која парира на тој огромен број таленти. Себеси тука се исклучувам, мислам на младата генерација актери, пејачи, аранжери, луѓе образовани и многу талентирани, а притоа и со голема страст и желба за живот. Мислам дека самата приказна како драмски текст ќе помине фантастично и да ја нема музиката. Е сега, тоа што и мојата музика игра некаква улога, тоа ми чини особена чест, затоа што тука се дава еден нов живот, практично се продолжува животот на таа музика и на тие песни што сум ги пишал во изминативе педесетина години. Од првата проба бев воодушевен. Многу е возбудливо, голема енергија е во прашање. Ова зборува дека никој сам не може ниту да успее, ниту да го одржи тој успех“, рече Влатко Стефановски.

Во мјузиклот ќе има дваесетина песни од неговиот опус.
„Интересот е веќе огромен, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Веќе имаме сериозни преговори за гостувања во Србија, Хрватска, Словенија, Босна“, рече продуцентот Владимир Мандичевски од „Баги комуникации“.
Стефановски додаде дека „се шекнал“ кога Тања Кочовска го поканила да го гледа мјузиклот „Мама миа“ и знаел дека соработката со неа ќе му оди лесно.
„Она што е важно за овој мјузикл, мислам дека во него ја создадовме душата на старото Скопје, духот на старото Скопје, она Скопје за кое постојано се зборува. Всушност, што е душата на старото Скопје? Тоа се луѓето. Мислам дека тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верва ги има во овој мјузикл“, кажа режисерот Пројковски.
Актерот Рубенс Муратовски рече дека на екипата ѝ дал бланко доверба за проектот, а музичарот Бобан Мирковски дека му била привилегија да ги работи новите аранжмани на песните на Стефановски.
„Прекрасни се актерите кои играат во претставата, со задоволство го кажувам тоа. Тие и танцуваат и пеат. Така што, успехот на овој мјузикл ќе биде неминовен. Јас навистина се радувам кога ги гледам, само не можам да им се придружам оти имам ишијас“, се пошегува Тања Кочовска.
Младата актерка Катерина Јовановиќ, која ја игра главната женска улога, рече дека ова ѝ е остварување на сон, а Владимир Петровиќ кажа дека ова е најспецифичната улога во неговата кариера. Кореографката Олга Панго откри дека сите проби биле исклучително професионални и забавни за неа.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски,.Главните ликови Дона и Џими ќе ги толкуваат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, костимите на Марија Пупучевска, сценографијата на Валентин Светозарев, а вокална менторка е Ана Костадиновска.
М. ЏАРОВСКА
Владимир Мандичевски-Манде од „Баги комуникации“, Дејан Пројковски и Влатко Стефановски (Фото: К. Попов)