Поп-пејачката Марија Спасовска ја промовираше „Скопје го сакам ради тебе“, една од песните од нејзиниот актуелен албум „Седатив“.
Автор е Марија Спасовска, која ги напиша музиката и текстот, а аранжманот е на Николче Мицевски.
За песната е снимен и видеоспот, како продолжение на најавата што пејачката ја даде на промоцијата на албумот, дека за секоја песна ќе биде снимен и спот.
„Во оваа песна навистина најмногу верувам и мислам дека е еден од главните адути на албумот. Сепак, публиката е таа што на крајот го дава последниот збор и се надевам дека ќе ја почувствува емоцијата што ја носи ‘Скопје го сакам ради тебе’“, рече Спасовска.
Албумот „Седатив“, кој беше промовиран пред неколку недели, има повеќе различни музички стилови.
„Со ‘Скопје го сакам ради тебе’, таа продолжува да го гради својот препознатлив музички стил и современ звук“, велат од тимот на пејачката.
„Се враќав со воз од Грција, ја направив песната во воз и кога стасав дома на клавир, од првиот акорд што го притиснав излезе песната. За три минути ја направив и си реков дека песната е најубавата што во животот сум ја направила“, рече Спасовска на промоцијата во Скопје. Таа има 20 години и студира во Солун. Во 2018, ја претставуваше Македонија на детската Евровизија со песната „Дома“.