Британската премиерка Тереза Меј денеска пристигна во кратка посета на Македонија, за да ѝ изрази поддршка во што поскоро приклучување на Европската Унија и НАТО. Таа се сретна со премиерот Зоран Заев во Владата, кадешто одржаа заедничка прес-конференција и ова е првпат во последните 20-ина години Македонија да нагости лидер од ваков ранг.
- Последниот британски премиер и воопшто европски лидер од ваков ранг кој дошол во Македонија беше Тони Блер во 1999 година.
- Меј и Заев пристигнаа од Софија, кадешто учествуваа на самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ и на државите од Западен Балкан, кои се стремат кон влез во Унијата.
- Средбата во Скопје се совпаѓа со одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Велика Британија.
- Меј по тој повод истакна дека двете држави никогаш не биле поблиски како пријатели.
- Таа ѝ се заблагодари на Македонија што ѝ даде поддршка на Велика Британија во случајот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
- Меј ги пофали промените што се случуваат во Македонија по парламентарните избори, особено во надворешната политика, додавајќи дека „храбро и сериозно сме пристапиле кон решавање на спорот за името со Грција“.
- „Сакаме да ја видиме Македонија во Европската Унија и во НАТО“, порача Меј.