Публиката и „Архангел“ синоќа (13 јуни) станаа едно, на концертот во Стадионот на АРМ во Скопје. Концертот беше насловен „Срцевина“.
Настапот на српскиот музичар Васил Хаџиманов и неговиот бенд беше совршена увертира за вечерта. На сцената, покрај фронтменот Ристо Вртев, настапија Иван Петровски на гитара, Дејан Митровиќ на бас, Александар Ванчовски на тапани и Филип Димишковски на клавијатури. Претставувајќи ја поставата, Вртев низ шега кажа дека само тој и Димишковски не се академски музичари, алудирајќи на фактот дека составот го сочинуваат едни од најдобрите инструменталисти од својата генерација.

Она што беше највпечатливо на концертот, беше посебната енергија на публиката. Како ретко кога, се собраа генерации кои растеле со музиката на „Архангел“, но и млади луѓе кои не биле ни родени кога биле создадени песните, а сепак ги пееја стиховите на Вртев од почеток до крај.
По двата биса, кулминацијата беше на крајот кога Вртев и публиката заедно, без инструментална придружба, ги испеаја „Милион долари“ и „Харткор“.
Концертот го организираше „Адриатика рекордс“.
(Фото: СДК.МК)