Градинка за кучиња, насловена „Шепа“ е отворена во трговски центар во Шангај, каде на кучињата им се нудат внимателно организирани дневни активности, наместо строга дресура или ограничувања според возраста.
Установата нуди игри, грицки, ленти за трчање и музика за кучиња, а младите сопственици трошат сè повеќе за своите миленици.
Милениците пристигнуваат секој ден до 9 часот наутро во „Шепа“. Тие следат распоред што вклучува интерактивни игри и полигони со пречки, надополнети со свежо подготвени закуски и време за одмор, додека пијанист свири класична музика. Кучињата можат и да прошетаат на специјална лента за трчање наменета за нив, пред нивните сопственици да ги земат околу 19 часот.
„Нашето куче го одгледуваме како дете“, рече Ќијан Ји, чиј миленик Хари од расата бордер коли ја посетува градинката секој работен ден.
Како што опаѓа наталитетот и се менува начинот на живот, милениците сè почесто се третираат како членови на семејството, што го поттикнува растот на услуги со повисока додадена вредност, како што се дневна грижа, нега и дресура.
Основачот на „Шепа“ Џен Жанг, рече дека идејата му дошла откако се соочил со тешкотии во пронаоѓањето помош за својот шестгодишен златен ретривер Фузаи, кој развил проблеми во однесувањето поврзани со анксиозност.
Во потрагата по решение, тој открил услуги слични на дневни центри за кучиња во САД и дошол до заклучок дека главниот проблем е недостигот од социјализација. Неговата клиентела пораснала на 200 клиенти, откако започнал со помалку од 20.
„Сакав да му овозможам на моето куче повеќе простор за дружење со други кучиња, за да му го пренасочам вниманието. Така се роди идејата за отворање на оваа градинка“, додаде тој.
(Фото: Сити њуз сервис)