СРЕЌНА СУМ ШТО ШВЕДСКАТА КРАЛИЦА МИ ДОДЕЛИ УМЕТНИЧКА СТИПЕНДИЈА, ВЕЛИ МЕЦОСОПРАНОТ МИЛАНКА НОВЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мецосопранот Миланка Новеска од Охрид повторно е добитничка на стипендија од Кралството Шведска. Таа ја доби стипендијата од Фондацијата „Ингрид и Оскар Фалкман“, која ја доделува Друштвото на пријатели на Дротнингхолмскиот дворски театар, како признание за нејзиниот уметнички развој и поддршка на млади уметници во областа на операта.

На свечената церемонија во Дротнингхолмскиот дворски театар, Новеска настапи пред кралот Карл Густав и кралицата Силвија, членовите на Друштвото на пријатели на театарот и покровители на младите уметници и барокната опера.

Новеска со уште двајца оперски пејачи изведе соло точки, дуети и трио од делата на шведскиот композитор Јонас Доминик. Специјално за церемонијата била подготвена и обработка на „Одмори крај овој извор“, една од најпознатите шведски балади, напишана во 1790.

„Особено значајно за мене е што кралицата Силвија лично ми го врачи документот за стипендијата, наменета за проекти на млади уметници. По официјалниот дел беа организирани коктел и дружење со кралското семејство и истакнати личности од шведската културна и општествена елита. Атмосферата беше многу опуштена, без строги протоколи. Имав можност да разговарам со кралицата Силвија за моите идни планови, а со кралот Карл и кралицата разговаравме и за улогата на кралското семејство во уметноста“, ни рече Новеска и додаде дека особено ја радува тоа што оваа, втора по ред стипендија ја добива во годината кога шведската кралска двојка слави 50 години брак.

Веднаш по церемонијата, македонската оперска уметница замина за Лондон, каде што започна со пробите за насловната улога во операта „Риналдо“ од Георг Фридрих Хендл. Лондонската публика ќе има можност да ја види во оваа значајна улога на 20 јуни.

На свечената церемонија во Дротнингхолмскиот дворски театар, Новеска настапи пред кралот Карл Густав и кралицата Силвија на Шведска, членовите на Друштвото на пријатели на театарот и покровители на младите уметници и барокната опера (Фото: М. Гардер)

Новеска оваа година имаше повеќе настапи во Стокхолм, продолжувајќи ја својата успешна меѓународна кариера.

Миланка Новеска е една од најуспешните македонски оперски уметници во странство. Подолг период живее и работи во Шведска, каде што гради впечатлива кариера во областа на барокната и класичната опера, настапувајќи на престижни сцени и фестивали низ Европа. Средно музичко училиште завршила во Скопје и добила целосна стипендија од романското министерство за образование за да ги продолжи студиите во Романија. Наградена е со медал како ученик на генерацијата во 2019 во Букурешт и со наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“ во Охрид. Новеска ги комплетираше своите втори магистерски студии на Катедрата за опера во Стокхолм.

М. ЏАРОВСКА