ЕДВАЈ ЧЕКАМ ДА ДОЈДАМ СО БЕНДОТ ВО ОХРИД, ВЕЛИ РИТА ОРА ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА 1 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Рита Ора испрати видеопорака до македонската публика во пресрет на концертот, што на 1 август ќе се одржи на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

„Охрид, не можам да дочекам да го донесам мојот бенд и да свириме за вас. Едвај го чекам летото, ќе биде многу забавно, набавете си влезници“, вели британската поп-ѕвезда со косовско потекло.

Ова ќе биде нејзино прво гостување во Македонија, во рамките на фестивалот „Скрим“. На истиот концерт ќе настапат и словенечката трап пејачка Сенидах и скопското дуо „2Бона“, велат од продукцијата „Прагма“.

Рита Ора е пејачка, текстописец и актерка. Родена е во Приштина во 1990, а живее и работи во Лондон. Нејзиниот деби албум „Ора“ излезе во 2012 и се искачи на првото место на топ-листата во Велика Британија. Со трите најголеми хита од албумот, таа стана изведувач со најмногу број еден хитови во Британија таа година.

Нејзиниот втор албум „Феникс“ беше објавен во ноември 2018. Водечкиот сингл  „Твојата песна“ (Your Song) се најде во топ-10 во Велика Британија, како и следните синглови, по што таа стана првиот британски соло изведувач со 13 песни меѓу најдобрите 10 синглови.

Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.