Од 22 јуни до 30 јули во Штип ќе се одржи 41. издание на Штипското културно лето (ШКЛ) со 34 програмски содржини. Најавени се концерти на домашни и странски музичари, театарски претстави, изложби и промоции на книги.
Манифестацијата ќе биде отворена на 22 јуни од 19 часот во Домот на културата „Ацо Шопов“ со концерт на сопранистката Виолета Арсовска, која ќе настапи со музичкиот проект „Бои на душата“.
Програмата ќе се реализира на повеќе локации низ Штип, а сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за публиката. Општина Штип за организација издвои 2 милиони денари.
Во музичкиот дел се издвојуваат концертот на „Влатко Стефановски трио“ (фото) на 24 јуни, како и настапите на Давид Темелков и „Астибо биг бенд“. Во Народниот театар во Штип ќе се одржат четири театарски претстави, од кои две премиери, меѓу кои и „Чекајќи го Годо“, копродукција на театрите од Штип, Велес, Куманово и скопскиот Драмски театар.
Ќе се одржат и повеќе изложби, музички вечери и интернационални настапи, а меѓу позначајните настани е музичката вечер во чест на Ферус Мустафов, традиционалниот музички хепенинг „Вртешка“ на Плачковица и завршниот рок-концерт на 30 јули, трибјут на култниот српски бенд „Екатерина Велика“ (ЕКВ).
Т. ЈОВАНОВСКИ