ЦВЕТОВИТЕ КАКО ИНСПИРАЦИЈА ЗА ПРВАТА ИЗЛОЖБА НА Д-Р ЛИДИЈА СТЕФАНОВСКА ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ.СДК.МК)

Доктор Лидија Стефановска, долгогодишен специјалист ортодонт од Битола, неодамна ја отвори својата прва  изложба „Етеричен хербариум“. Слика цветови во раскошен колорит, инспирирана од природата како страствен патник кој посетил 55 земји низ светот. Од некои донела бои и материјали за делата кои тука ги нема.

„Не сите желби одеднаш можат да се остварат. Некои остануваат во дамарите на душата подоцна да бидат исполнети. Формирав семејство, кариера, патувањата, но се случи ковид пандемијата кога сите седевме дома и имав изобилство на време. Почнав да правам внатрешна ретроспекција и дојдов до заклучок дека една љубов не е оставрена, уметноста. Почнав со четка, обични боици и ете стигнав до изложба“, вели Стефановска.

(Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Ликовниот критичар Владо Ѓорески-Рафик рече дека Стефановска внесува специфична технологија преку која делата добиваат стаклест интензивен сјај. Боите ги поставува директно со што постигнува интензитет без нијансирање.

„Декоративниот хедонизам во граѓанските и малограѓанските претстави на цветовите е доведено до крајна агресивна и потрошувачка баналност. За разлика од таа ситуација, Стефановска се оддалечува од оваа бласфемија и говори за убавината која е суштински доживеана преку емотивноста и чувствувањето на нејзината стварнист“, рече Ѓорески.

Изложбата беше поставена во Галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола, а галеристот Драган Ристевски кажа дека 130 делата прикажани на изложбата зрачат со свежина, виталност, длабочина и поетска визија на природата.

Ж. ЗДРАВКОВСКА